Нема шанси да се смени Деталниот урбанистички план (ДУП) според кој во Битола се гради населбата Златен рид со високи згради, куќи и вили што ѐ повеќе се шират на сметка на зелениот појас над еден од најзагадените градови во земјава. ДУП-от донесен пред девет години од претходната локална власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот Владимир Талески за урбанизацијата на 103 хектари од Касарната во Битола веќе се реализира, и општинските власти велат дека нема враќање назад, оти се продадени 99 парцели, инвеститорите платиле за градежното земјиште и за негово уредување, па Општината е должна да им направи инфраструктура.
Ексградоначалникот Талески во 2009 рече дека во касарната ќе никне нова елитна населба. Рече дека постоечката патна инфраструктура не е употреблива, па со ДУП се предвидуваат нови инфраструктурни коридори. Деталниот урбанистички план беше донесен едногласно во битолскиот Совет. Претходната локална власт, од продажбата на градежно земјиште во комплексот АРМ наплатила над 150 милиони денари (2,5 милиони евра), а од надоместок за уредување на градежното земјиште над 280 милиони денари (4,5 милиони евра).
Но, проблем настана кога добар дел од парите завршија во изградба на индустриската зона Жабени. По ова, претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ подигна кредит од 2,5 милиони евра за да ги гради улиците во Касарната. Власта се промени, па и изградбата и враќањето на кредитот паднаа на товар на новата власт предводена од СДСМ.
Запрашани дали имаше можност по доаѓањето на новата локална власт да се откажат од градење во Касарната и да ја пренаменат во паркови, од Општина Битола ни одговорија:
„Затоа што веќе беа изградени дел од објектите, за дел беше отпочната постапка, граѓаните имаа вложени инвестиции, така што најдобро решение беше да се реализира проектот и граѓаните да го добијат она за што платиле“.
Над илјада битолчани веќе живеат во населбата, а куќи се градат веднаш веднаш до шумата. Жителите се жалат дека се исечени многу дрвја и за објектите и за улиците, а и дека зградите не се градат во ист правец туку и попречно, што го спречува струењето на воздухот, што видно ќе влијае врз микроклимата како и врз загадувањето.
Од фелата на архитекти се со поинакво гледиште. Велат дека најголем проблем е несфаќањето колку е важна урбанизацијата на просторот која директно влијае врз квалитетот на живеењето.
„Со урбанизацијата на Касарната се планира просторот од сто хектари да се оплемени и заштити. Со ДУП-от се планирани 30 проценти од оваа површина да бидат под зеленило, посебно во највисоките делови од опфатот на надморска височина од 700 метри, односно четвриот дел, ридот да не се урбанизира туку зеленилото да се контролира и да се поврзе со Тумбе Кафе. Во спротивно, на овој простор ќе никнеа диви градби слично како во соседната населба Стрчин. Она што треба да се реализира најбрзо од локалната власт е контролирано одржување на зелениот појас со засадување на нови стебла и зеленило“, велат група архитекти кои не сакаа јавно да зборуваат за да не влегуваат во конфликт со граѓаните.
И инвеститорите кои градеа згради во касарната велат дека не сечеле здрави дрва, само некои деградирани.
„Не се исече многу зеленило. На нашето место тоа беа полуисушени дрвја, немаше некои поголеми сечења на дрвја ние каде што инвестиравме“, велат Васко Четелев.
Но, сателитските снимки на истиот простор од 2002 и од 2017 покажуваат дека зеленилото е значително намалено.
Од Секторот за спроведување на урбанистички планови во Општина Битола велат дека низ годините се продале 99 парцели во АРМ 1 и АРМ 2. За згради 21 парцела, за индивидуални домови 60 парцели, за куќи со посебен режим 12 парцели, бензинска пумпа една и старски домови три парцели.
„Претходно, станбените објекти се градеа, но без соодветна инфраструктура. Наследениот хаос требаше да се среди. Од оваа власт, речиси целосно се реализирани инфраструктурните објекти во АРМ 1, додека во АРМ 2 е изградена инфраструктурата на главните собирни улици кон кои гравитираат споредните улици каде треба да се градат индивидуалните објекти. Истовремено, за две години отплатени се 24.000.000 денари од кредитот со кој општината беше задолжена од претходната локална власт. Комплетно изградени (водовод, канализација, асфалтирање, тротоари и улично осветлување) се 14 улици, од кои најголемиот дел од оваа локална власт“, велат од Општина.
За две години изградена е инфраструктура од над 100 милиони денари и тоа: за атмосферска канализација 8.420.000 денари (без ДДВ), за санитарна и технолошка вода 7.150.000 денари, за коловоз и тротоари 63.330.000 денари и за улично осветлување 7.660.000 денари. Со наследените долгови за уредување на земјиштето, оваа власт исплати над 160 милиони денари.
Во однос на тоа дали ќе се зачува постоечкото зеленило и дали ќе се изградат нови паркови, од Секторот за урбанизам велат дека планското решение е изработено согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, при што зелени површини се застапени во соодветен процент со максимално почитување на постоечките. Понатаму, дека зеленилото како намена е доминантно во опфатот на АРМ Четврт 3 и тоа како заштитно и парковско зеленило, а во рамките на ДУП за АРМ Четврт 2, зеленилото е планирано со доминантна класа со намена за спорт и рекреација.
Ж. ЗДРАВКОВСКА