НОВО СЕЛО ГИ ИСЧИСТИ ДИВИТЕ ДЕПОНИИ И СО МИКРОКАМЕРИ ГИ ЛОВИ ТИЕ ШТО ФРЛААТ ОТПАД

НОВО СЕЛО ГИ ИСЧИСТИ ДИВИТЕ ДЕПОНИИ И СО МИКРОКАМЕРИ ГИ ЛОВИ ТИЕ ШТО ФРЛААТ ОТПАДСензорните микрокамери го регистрираат движењето во исчистените депонии и евентуалното фрлање отпад, што по електронски пат го добиваат одговорните од комуналната служба во Општината и јавното претпријатие „Комуна“ од Ново Село. (Фото: Снимка од микрокамера)

Општина Ново Село со микрокамери ги лови оние кои го депонираат комуналниот отпад и градежниот шут по дивите селски депонии, кои во периодов за време на вонредна состојба се чистат. Општинските власти кои со одлука на Советот воведоа организирано собирање на комуналниот отпад од сите населени места, деновиве ја почнаа акцијата за чистење и на селските депонии при што во непосредна близина на поставуваат и микросензорни камери. Тие го регистрираат движењето во исчистените депонии и евентуалното фрлање отпадот, што  по електронски пат го добиваат одговорните од комуналната служба во Општината и јавното претпријатие „Комуна“ од Ново Село.

Општината ги исчисти дивите депонии и дистрибуираше околу 3.000 канти за отпад за секое домакинствата во сите населени места за да почне организирано собирање на отпадот. (Фото: СДК.МК)

Во Општина Ново Село има регистрирано околу 20 диви селски депонии, а за кои реагираа не само жителите од оваа локална самоуправа туку и сите гости и туристи кои ги посетуваа водопадите на планината Беласица но и рекреативците во Подблеасичкиот Регион.

„Станува збор за сензорни камери кои го регистрираат секое влегување во т. н. селски депонии и преку е-пошта добиваме фотографии дали се фрла отпад на овие јавни површини кои веќе се исчистени. Доколку забележиме дека на истите локации се влегува со трактор или запрежна кола натоварена со отпад, веднаш реагираме. Се координираме и со ‘Комуна’ која исто така добива известување за несовесно фрлање ѓубре“, вели Ацо Крлев од комунално редарската служба на Општина Ново Село.

Тој вели дека веќе се фатени неколку жители на Општината, кои и покрај апелите да не се фрла отпад по веќе исчистените депонии се обиделе да го депонираат пред сè градежен шут од своите домаќинства. Поминале со опомени. Како што вели Крлев, поголемиот дел граѓани биле затекнати при обид да го фрлат отпадот при што, морале да си го вратат ѓубрето дома и да ги повикат надлежните да го подигнат, а ако станува збор за комунален отпад да биде депониран во садовите.

Во Општина Ново Село има регистрирано околу 20 диви селски депонии. (Фото: СДК.МК)

Поставувањето на сензорните микрокамери доаѓа откако Општината дистрибуираше околу 3.000 канти за отпад за секое домакинствата во сите населени места за да почне организирано собирање на отпадот. Корпите за отпад Општината ги додели бесплатно за да се намали создавањето на дивите депонии кои беа најголем проблем и за општинските власти и за граѓаните. Градоначалникот на Ново Село Никола Андонов вели дека веќе е направен распоред и план за собирање на комуналниот отпад, но и на градежниот шут од домаќинствата.

„Имавме реакции и поплаки од совесните граѓани, бидејки во атарите на сите населени места имаше мини депонии. Со нивното чистење, на секое домаќинство доделуваме канта за отпад и со одлука на Советот ги задолжуваме дека мора отпадот да го складираат во садот, а не да се фрла. Формиравме редарска служба и инсталиравме микрокамери во близина на тие јавни површини кои се претворија во депонии и нема да бидеме толерантни кон сите прекршители оти сите сакаме чиста и здрава средина“, вели градоначалникот Андонов, и додава дека деновиве сите несовесни ги предупредиле дека го прекршиле законот за јавна чистота и поминале со опомени.

В. ТРАЈКОВ

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира