„ПАРКОВИ“ АНАЛИЗИРА КОЛКУ СКОПСКИ ПАЛМИ СЕ ИСУШИЛЕ, ИЗВЕШТАЈ СЛЕДНАТА НЕДЕЛА

    „ПАРКОВИ“ АНАЛИЗИРА КОЛКУ СКОПСКИ ПАЛМИ СЕ ИСУШИЛЕ, ИЗВЕШТАЈ СЛЕДНАТА НЕДЕЛАВо тек се детални анализи за секоја од вкупно 138-те зазасадени во Скопје, која ќе покаже дали има и колку од палмите се исушиле, велат од „Паркови и зеленило“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Екипи од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ детално ќе ја анализираат состојбата на секоја палма поединечно за да утврдат дали се исушила или ја преживеала зимата. Извештајот за состојбата на скопските палмореди од „Паркови“ го очекуваат следната недела.

    „Не може да се суди за палмите според тоа како изгледаат сега. И лани многу од дрвјата откако ги откривме беа пожолтени и личеа исушени, но за кусо време им се појавија нови лисја, а оние што личеа исушени добија убава зелена боја. Им треба период за вегетација. Во тек се детални анализи за секоја од вкупно 138-те зазасадени во Скопје, која ќе покаже дали има и колку од палмите се исушиле“, велат од „Паркови“.

    Вработени од претпријатието изминатиов период од палмите ги симнаа прво најлоните со кои беа покриени лисјата, а потоа и јутата со која беа обвиткани стеблата за да можат без оштетувања да го поминат зимскиот период. И покрај тврдењата дека палмите и незаштитени издржуваат температури од -15 степени, откако се одвиткани, се гледаат пеплосани лисја и суви стебла.

    Во Скопје има палми од 2012, но најголем број од нив, околу 120, беа засадени во 2015 како дел од проект на „Македонски шуми“ со кој низ Македонија за половина милион евра беа засадени 1.100 палми. Првата зима од палмите од овој проект се исушија само четири, но ланската зима беше со далеку повисоки температури од сегашната. Преживеаните палми претпријатието ги прихрануваше со ѓубре од калифорниски црви измешано со речен песок.

    Минатата пролет, откако беше утврдено дека се исушиле само четири дрвца, директорот на препријатието Душан Авировиќ изјави дека ќе се смета за успех ако следната зима се задржат 80 отсто од садниците, со оглед на тоа што климатските услови кај нас не се соодветни за таков тип дрвја.

    За да ја заштити инвестицијата на „Македонски шуми“, директорот Авировиќ на скопските палми им монтираше тушеви за освежување на листовите во лето, кога нема влага во скопскиот воздух.

    Од претпријатието никогаш не кажаа колку ги чинеа тушевите, ниту пак целосното одржување на палмите.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира