ПЕТРЕ, НЕ ТИ ГИ ДАВАМ СПОМЕНИЦИТЕ СЕГА, ЈАВИ СЕ ПО ИЗБОРИ, МУ ОДГОВОРИ БОГДАНОВИЌ НА ШИЛЕГОВ

    ПЕТРЕ, НЕ ТИ ГИ ДАВАМ СПОМЕНИЦИТЕ СЕГА, ЈАВИ СЕ ПО ИЗБОРИ, МУ ОДГОВОРИ БОГДАНОВИЌ НА ШИЛЕГОВБогдановиќ вели дека после избори Советот на Општина Центар ќе одлучува за барањето на Шилегов бидејќи во изборен период не смее да се отуѓува државен имот. (Фото: К.Попов)

    До завршување на изборите Град Скопје не може да ги добие спомениците од проектот „Скопје 2014“ од Општина Центар. Откако вчера скопскиот градоначалник Петре Шилегов кажа дека доставил барање до Општина Центар, да му ги даде во владение спомениците за да ги дислоцира, градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ му одговара дека законот тоа не го дозволува во период кога се распишани парламентарните избори.

    „Според изборниот законик во изборниот период не смее да се отуѓува државен имот. После изборите на 12 април ќе го разгледаме барањето на градоначалникот Петре Шилегов. Јас сам не можам да одлучам дали ќе му ги дадам спомениците или не. Таква одлука мора да донесе Советот на Општина Центар, како што била и донесена одлуката од претходниот градоначалник Андреј Жерновски, кога одржувањето било предадено на Град Скопје“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Шилегов вели дека важно во целиот овој процес е да се запазат законските происи и дека ќе чека да поминат изборите.

    „Важно за мене е дека ја почнав постапката за решавање на проблемот ‚Скопје 2014‘. Ќе почекаме да поминат изборите, а потоа веднаш штом Советите на Општината и Градот ја донесат одлуката за примопредавање почнуваме со дислокација“, вели Шилегов.

    Шилегов најави дека после изборите ќе бара решение за отстранување и на галиите од Вардар. Тие се под надлежност на Град Скопје, но за обештетување на сопствениците кои имаат договори склучени со ексградоначалникот Коце Трајановски, потребни се 6 милиони евра. Градот не може да одвои толку пари од буџетот, па затоа Шилегов ќе бара пари да му даде Владата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира