ПЛАЖИТЕ ВО ОХРИД НА КОИ СО ГОДИНИ ИМ Е ИСТЕЧЕНА КОНЦЕСИЈАТА И НЕ ПЛАЌААТ, ТРЕБА ДА ГИ УРНАТ КАФУЛИЊАТА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    ПЛАЖИТЕ ВО ОХРИД НА КОИ СО ГОДИНИ ИМ Е ИСТЕЧЕНА КОНЦЕСИЈАТА И НЕ ПЛАЌААТ, ТРЕБА ДА ГИ УРНАТ КАФУЛИЊАТА, ОДЛУЧИ ВЛАДАТАВладата на вчерашната седница донесе Уредба со која им се наложува на концесионерите сѐ да исчистат од плажите, да ги тргнат дивите платформи во езерото и изградените кафулиња бидејќи договорот за закуп им е истечен. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Газдите на плажите во Охид на кои им се истечени концесиите и со години работат на диво, треба да ги отстранат масите, лежалките и објектите кои ги изградиле, и плажите да ги вратат во првобитна состојба. Владата на вчерашната седница донесе Уредба со која им се наложува на концесионерите сѐ да исчистат од плажите, да ги тргнат дивите платформи во езерото и изградените кафулиња, бидејќи договорот за закуп им е истечен.

    „На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата денеска ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за градежно земјиште за време на вонредна состојба, со која се задолжува закупецот да го врати во првобитна состојба градежното земјиште кое било предмет на краткотраен закуп предвидено со урбанистички план или урбанистичко-планска документација за плажа, а за кое временскиот рок за краткотраен закуп е истечен или договорот за краткотраен закуп е предвремено раскинат“, се вели во соопштението на Владата.

    Оваа одлука придонесува за исполнување на визијата и целите на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион, кои се во насока на минимизирање на заканите на исклучителната универзална вредност, вели градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, по донесувањето на владината Уредба.

    „Со ова, очекувам конечно да се стави ред во искористувањето на крајбрежјето на Охридското Езеро за туристички цели, кое се провлекуваше како проблем, години наназад. Тука особено се потенцира важноста за воспоставување на поголема контрола на крајбрежната трансформација за целите на масовен туризам и зголемена контрола врз уредувањето на постојните плажи. Оваа уредба значително ќе придонесе и во насока на исполнување на препораките од УНЕСКО, во делот на стопанисувањето со крајбрежјето”, кажа Георгиески.

    Во Охрид има 25 плажи на кои концесиите им се истечени, на некои пред две, а на некои три години. Бившите концесионери без да плаќаат концесија ги користат овие капалишта, а за спроведување на оваа уредба не ќе се грижат општинските инспектори, туку Пазарниот инспекторат.

    САКАМДАКАЖАМ. МК лани во декември пишуваше дека никој не плаќа концесија на Општина Охрид за стопанисување со плажите долж Охридското Езеро. Ниту еден од газдите кои ги работат плажите, поставуваат лежалки, маси, столици, чадори, па дури имаат изградено и цели објекти претворени во кафулиња, немаат дозвола за работа. Концесиите им се истечени, па веќе неколку години си работат на диво. Плажите се водат како дивоградби, бидејќи според договорите за краткотраен закуп кои ги потпишале со Министерството за транспорт и врски, се обврзале по истекот на концесијата да го вратат земјиштето, односно плажата во првобитна состојба.

    Во документот до кој дојде САКАМДАКАЖАМ.МК изготвен од Општина Охрид за состојбата со плажите во август 2019, наведено е дека на сите плажи им се истечени концесиите уште во 2017 или 2018, бидејќи на јавните повици кои во 2012 и 2013 го распиша Министерството за транспорт и врски, концесиите беа доделени со важност од 5 години. Дел од газдите на плажите плаќале концесија додека им траеле договорот, но дел работеле без да платат ниту денар уште откако им била дадена концесијата.

    Плажи кои се издадени под краткотраен закуп по пат на јавно наддавање од Министерството за транспорт и врски се:

    • Плажа „Канео извори“ со склучен договор на 31.05. 2012 со важност до 21.05.2017. Издадено решение за уривање на 19.06.2017.
    • Плажа „Потпеш“ со склучен договор на 15.06. 2012 со важност до 15.06.2017. Издадено решение за уривање на 19.06.2017.
    • Плажа „Куба либре“ со склучен договор на 08.06. 2012 со важност до 08.06.2017. Издадено решение за уривање на 19.06.2017.
    • Плажа „Кадмо Фаланга Алфа“ со склучен договор на 09.07. 2012 со важност до 09.07.2017 . Издадено решение за уривање на 19.06.2017 .
    • Плажа „Бела виста“ со склучен договор на 09.07. 2012. Поради неисполнување на паричните обврски од закупецот доставено е известување на 03.09.2015 за раскинување на договорот од Општина Охрид. Издадено решение за уривање на 19.06.2017.
    • Плажа „Немо/Горица“ со склучен договор од 10.07. 2012. Поради неисполнување на паричните обврски од страна на закупецот доставено е известување на 03.09.2015 за раскинување на договорот од страна на Општина Охрид.
    • Плажа „Акапулко“ со склучен договор од јуни 2013 со важност до јуни 2018.
    • Плажа „Перко/Зорпалче“ со склучен договор од јуни 2013 со важност до јуни 2018.
    • Плажа ТДПТУ „Џулиет 92“ со склучен договор од јуни 2013 со важност до јуни 2018.

    Дел од плажите, и тоа оние што се наоѓаат на најатрактивните локации, не плаќаа концесија ниту за перидот за кој имале склучено договор со Министерството. Општина Охрид, поднесе тужба за стекнување без основ до Основниот суд Охрид, за ДУТУ „Кадмо плажа-Клуб ДООЕЛ“, „ТДПГТУУ „Куба Либре ДООЕЛ“, „ТДПТУУ Потпеш Компани ДОО“ и „ДУТУ Диокан извори“. „Куба Либре“ за неплатена концесија должи на Општината 1.909.440 денари (над 30.000 евра), „Кадмо“ 1.289.520 денари (над 20.000 евра), „Потпеш“ 343.710 денари (над 5,500 евра), а „Диокан извори“ 199.860 денари (над 3.000 евра).

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари