НИКОЈ НЕ ПЛАЌА КОНЦЕСИЈА ЗА ПЛАЖИТЕ ВО ОХРИД ПРЕТВОРЕНИ ВО КАФУЛИЊА, ОПШТИНАТА ТУЖИ 4 КАФЕАНЏИИ

    НИКОЈ НЕ ПЛАЌА КОНЦЕСИЈА ЗА ПЛАЖИТЕ ВО ОХРИД ПРЕТВОРЕНИ ВО КАФУЛИЊА, ОПШТИНАТА ТУЖИ 4 КАФЕАНЏИИВо моментов ниту еден од газдите кои ги работат плажите, поставуваат лежалки, маси, столици, чадори, па дури имаат изградено и цели објекти претворени во кафулиња, немаат дозвола за работа. Концесиите им се истечени, па веќе неколку години си работат на диво. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Никој не плаќа концесија на Општина Охрид за стопанисување со плажите долж Охридското Езеро. Во моментов ниту еден од газдите кои ги работат плажите, поставуваат лежалки, маси, столици, чадори, па дури имаат изградено и цели објекти претворени во кафулиња, немаат дозвола за работа. Концесиите им се истечени, па веќе неколку години си работат на диво.

    Во документот до кој дојде САКАМДАКАЖАМ.МК изготвен од Општина Охрид за состојбата со плажите во август годинава, наведено е дека на сите плажи им се истечени концесиите уште во 2017 или 2018, бидејќи на јавните повици кои во 2012 и 2013 го распиша Министерството за транспорт и врски, концесиите беа доделени со важност од 5 години. Дел од газдите на плажите плаќале концесија додека им траеле договорот, но дел работеле без да платат ниту денар уште откако им била дадена концесијата.

    Дел од газдите на плажите плаќале концесија додека им траеле договорот, но дел работеле без да платат ниту денар уште откако им била дадена концесијата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Плажи кои се издадени под краткотраен закуп по пат на јавно наддавање од Министерството за транспорт и врски се:

    • Плажа „Канео извори“ со склучен договор на 31.05. 2012 со важност до 21.05.2017. Издадено решение за уривање на 19.06.2017.
    • Плажа „Потпеш“ со склучен договор на 15.06. 2012 со важност до 15.06.2017. Издадено решение за уривање на 19.06.2017.
    • Плажа „Куба либре“ со склучен договор на 08.06. 2012 со важност до 08.06.2017. Издадено решение за уривање на 19.06.2017.
    • Плажа „Кадмо Фаланга Алфа“ со склучен договор на 09.07. 2012 со важност до 09.07.2017 . Издадено решение за уривање на 19.06.2017 .
    • Плажа „Бела виста“ со склучен договор на 09.07. 2012. Поради неисполнување на паричните обврски од закупецот доставено е известување на 03.09.2015 за раскинување на договорот од Општина Охрид. Издадено решение за уривање на 19.06.2017.
    • Плажа „Немо/Горица“ со склучен договор од 10.07. 2012. Поради неисполнување на паричните обврски од страна на закупецот доставено е известување на 03.09.2015 за раскинување на договорот од страна на Општина Охрид.
    • Плажа „Акапулко“ со склучен договор од јуни 2013 со важност до јуни 2018.
    • Плажа „Перко/Зорпалче“ со склучен договор од јуни 2013 со важност до јуни 2018.
    • Плажа ТДПТУ „Џулиет 92“ со склучен договор од јуни 2013 со важност до јуни 2018.

    Општина Охрид за четири плажи, кои се наоѓаат на најатрактивните локации во градот, веќе има поднесено тужба до Основниот суд Охрид. Општината за стекнување без основ ги тужи ДУТУ „Кадмо плажа-Клуб ДООЕЛ“, „ТДПГТУУ „Куба Либре ДООЕЛ“, „ТДПТУУ Потпеш Компани ДОО“ и „ДУТУ Диокан извори“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Дел од плажите се водат како дивоградби, бидејќи според договорите за краткотраен закуп кои ги потпишале со Министерството за транспорт и врски, се обврзале по истекот на концесијата да го вратат земјиштето, односно плажата во првобитна состојба. Тоа значи дека треба да ги отстранат објектите кои ги изградиле на плажите, кои сега се заградени кафулиња и ресторани, а не само шанкови со маси, столици и лежалки. За нив Општина Охрид има решение за уривање.

    Градоначалникот Константин Георгиевски потврдува дека плажите со години работат незаконски.

    „Јас ги задолжив службите да изготват информација за состојбата со плажите. Кога ги видов податоците, се фрапирав. Не е проблем што на две-три плажи им завршила концесијата во 2017 година во април. Проблем е што имаме плажи кои не склучиле договори од 2012 година, значи воопшто не плаќале ништо години наназад. Во договорите кои ги потпишале стои дека после истекување на договорот, закупецот е должен да го врати просторот во првобитната состојба. Значи, самите си потпишале договор дека треба да се отстранат објектите. Јас сега единствено што можам да направам е да ги рушам, немам надлежност да им наложам да не вршат дејност“, вели Георгиевски.

    „Кога ги видов податоците, се фрапирав. Не е проблем што на две-три плажи им завршила концесијата во 2017 година во април. Проблем е што имаме плажи кои не склучиле договори од 2012 година, значи воопшто не плаќале ништо години наназад“, вели градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За состојбата со плажите кои немаат дозвола да вршат дејност, Општината ја известила и Пазарната инспекција и Управата за јавни приходи. Но, двете институции не постапуваат и одговорот кој го дале на општинарите е дека тоа не е нивна надлежност, туку Општината треба да ги урне објектите.

    Општина Охрид за четири плажи, кои се наоѓаат на најатрактивните локации во градот, веќе има поднесено тужба до Основниот суд Охрид. Општината за стекнување без основ ги тужи ДУТУ „Кадмо плажа-Клуб ДООЕЛ“, „ТДПГТУУ „Куба Либре ДООЕЛ“, „ТДПТУУ Потпеш Компани ДОО“ и „ДУТУ Диокан извори“.

    „Куба Либре“ за неплатена концесија должи на Општината 1.909.440 денари (над 30.000 евра), „Кадмо“ 1.289.520 денари (над 20.000 евра), „Потпеш“ 343.710 денари (над 5,500 евра), а „Диокан извори“ 199.860 денари (над 3.000 евра).

    „Ние парите ќе ги наплатиме, тие го користеле просторот тоа е факт. Спорно е начинот на кој ние како Општина би спровеле нов повик. Лани во Општината имаше повик за плажите, но пропадна бидејќи после електронската аукција следуваа жалби и тужби. Почнавме постапка за нов повик во мај, но потоа почнаа избори, па беше воведен мораториум. Но, пак е прашање како би објавиле нов повик, кога земјиштето е на Општината, а објектите не. Треба да се урне сѐ што е инвестирано во овие објекти. Ако го направев тоа ќе се уништеше цела туристичка сезона. Јас можам да издадам земја, ама прво треба да ги отстраниме објектите. Плаживе се проблем креиран од државата, Општината не ги дала под концесијата, таа постапка ја водеше Министерството за транспорт и врски. Како што ги дала плажите и го креирала проблемот, нека најде начин да ги реши. Потребни се законски измени“, вели градоначалникот Георгиевски.

    Дел од плажите се водат како дивоградби, бидејќи според договорите за краткотраен закуп кои ги потпишале со Министерството за транспорт и врски, се обрзале по истекот на концесијата да го вратат земјиштето односно плажата во првобитна состојба. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За Општината, единствен начин да може да спроведе нов јавен повик за плажите, а не ги да урива, е да бидат донесени законски измени со кои државата би ги конфискувала веќе изградените објекти на плажите. Потоа, повикот би вклучувал давање под концесија на земјиштето заедно со придружните содржини на плажата.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари