ШТЕТАТА ОД МАЛИТЕ ХИДРОЦЕНТРАЛИ ВО ФОКУСОТ НА ФОТОИЗЛОЖБАТА „КАДЕ РЕКАТА ТЕКЛА, ПАК ЌЕ ТЕЧЕ“

    ШТЕТАТА ОД МАЛИТЕ ХИДРОЦЕНТРАЛИ ВО ФОКУСОТ НА ФОТОИЗЛОЖБАТА „КАДЕ РЕКАТА ТЕКЛА, ПАК ЌЕ ТЕЧЕ“Фокусот на изложбата е изградбата на малите хидроцентрали на територијата на Македонија кои оставаат непоправливи последици по животната средина. (Фото: В. Денков)

    Изложбата „Каде реката текла, пак ќе тече“, во чиј фокус се последиците од изградбата на малите хидроцентрали во заштитените подрачја, ќе се отвори вечерва во 20 часот во галеријата на КСП Центар-Јадро во Скопје. Преку фото и видео есеи се претставени последиците од изградбата на малите хидроцентрали во заштитените подрачја.

    Станува збор за проект на Јадро и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко свест“ што го реализираа во втората половина на 2022 . На отворениот повик за фото и видео есеи во рамки на регионалната кампања за заштита на реките „Заштити го синото срце на Европа“ (Save the blue heart of Europe) беа селектирани проектите на авторите Ивана Самандова, Филип Лафазановски и Влатко Деков.

    Фокусот на „Каде реката текла, пак ќе тече“ е изградбата на малите хидроцентрали на територијата на Македонија кои оставаат непоправливи последици по животната средина и природата, до степен кој го загрозува опстанокот на водните екосистеми и на заштитените и ендемски животински и растителни видови.

    „Во моментов, на дивите и недопрени реки низ земјава се изградени 98 мали хидроцентрали, a се планира изградба на уште најмалку 50 нови. Поголем дел од нив се градат во некои од најатрактивните речни долини во строго заштитени и значајни подрачја како што се: Баба Планина, Шар Планина, Караџица, Бистра, Даутица, Кожуф и многу други. Малите хидроцентрали се градат зад очите на јавноста, без јавни консултации и без соодветна студија за оцена на влијанието врз животната средина“, велат организаторите.

    Уметниците и претставниците на „Еко свест“ имале повеќе теренски посети на локации во заштитени подрачја каде има изградени мали хидроцентрали. Тие преку фотографија и видео се осврнуваат на штетите врз природата кои ги предизвикува изградбата на малите хидроцентрали – изградба на бариери кои го фрагментираат речното корито, оневозможување на слободното движење и миграција на рибите и останатите акватични видови, канализирање на водата во цевки и оставање суви речните корита, менување на геоморфологија на теренот, сечење на шумите заради изградба на пристапни патишта и фрагментирање на шумските живеалишта, ерозија на теренот, загадување на водните текови заради акумулирање на седименти во речните корита и многу други штети врз природата, реките и екосистемите.

    Изложбата ќе трае до 28 февруари.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира