Сите членовите на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) со ист проект за улица ќе учествуваат на конкурсот на Владата за пренамена на недоградениот споменик на Мајка Тереза во центарот на Скопје. Откако градоначалникот Петре Шилегов минатата недела најави дека на конкурсот ќе учествува со проект за улица, истото го најави и претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија Мартин Пановски.
Пановски на трибината организирана од дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК на тема „Граѓанска зелена моќ – влијанието на граѓаните врз зачувување на јавниот интерес при урбанистичкото планирање“, кажа дека споменикот на Мајка Тереза е дивоградба бидејќи сите процедури, не само за него туку и за останатите спомениците од проектот „Скопје 2014“ се прекршени.
„Кога поднесов оставка од работната група за проектот ‘ Скопје 2014‘, бидејќи Владата донесе одлука овој објект да не се урива, како Асоцијацијата решивме дека на конкурсот ќе го повикаме членството да поднесе проект за улица бидејќи споменикот се наоѓа на улица. Споменикот на Мајка Тереза, но и останатите споменици од ‘Скопје 2014‘ се дивоградби бидејќи прекршени се сите процедури од самиот старт со донесување на одлуката за нивно поставување. Никој нема ингеренции освен Собранието да донесе одлука за подигнување споменик. Разочаран сум дека сѐ уште ништо не се кажува. Не ми е проблем да остане ‘Скопје 2014’, проблем ми е дека не се кажуваат работите какви што се – ќе го легализираме ‘Скопје 2014‘“, кажа Пановски.
Откако Владата реши споменикот на Мајка Тереза да се пренамени, Министерството за култура најави дека ќе се распише конкурс за идејно-архитектонско решение за пренамена на објектот, кој ќе заврши со доделување награди. Според планот за јавни набавки на Министерството, конкурсот треба да се распише во февруари.
Градоначалникот Петре Шилегов на трибината јавно ги повика сите архитектите заедно со него да поднесат ист проект за Мајка Тереза да се пренамени во улица, за да се ослободи влезот кон Плоштадот Македонија и да се врати улицата Орце Николов.
„Не знам колку сте на број во Асоцијацијата, ако сте 200, 300 или 500 да дадеме толку решенија кои ќе бидат исти. Барeм 500 пликови нека отвораат тие што ќе го распишат конкурсот. Тоа може да биде и пристисок од јавноста, оти за жал не секогаш институционално ги имаме ингеренциите. Јас искрено сакам да го распишат конкурсот, барем така ќе ги решиме сите дилеми. Ако остане вака ќе ве завлечкаат, те имало градежна дозвола, те немаш дозвола за рушење. Никогаш да не заборавиме дека тие што го креирале ‘Скопје 2014’ се луѓето кои се вработени во институција од која сега бараме да го одврзат чворот што тие го врзале“, рече Шилегов.
- ВЛАДАТА ЌЕ РАСПИШЕ КОНКУРС ЗА ПРЕНАМЕНА НА СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ШИЛЕГОВ ВЕЛИ ДАЈТЕ МИ ГО И ВЕДНАШ ЌЕ ГО УРНАМ
-
НА КОНКУРСОТ ЌЕ ПРЕДЛОЖАМ СПОМЕНИКОТ НА МАЈКА ТЕРЕЗА ДА СЕ ПРЕНАМЕНИ ВО УЛИЦА, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ
А. АНТЕВСКА