По минатонеделниот собир, жителите на скопско Тафталиџе за вечерва најавуваат протестен марш против урбаната мафија. Граѓанското здружение „Зелено Тафталиџе“ повикува на нов протест, за да не се дозволи урбаната мафија во Општина Карпош да ја опустоши дополнително населбата и општината. Маршот ќе почне во 19 часот од паркингот на „Асиба“ на улица Лондонска спроти „Сити мол“, а крајна дестинација е паркот на улица Букурешка.
„Нашата цел е да се сопре масовното и рапидно ’урбанизирање’ на населбата од страна на урбаната мафија во Општина Карпош. Сè поголем и поголем е бројот на нови повеќекатници кои преку ноќ никнуваат низ целата населба, на локации каде предходните норми и дозволи за градба не надминувале повеќе од 3 спрата. Инфраструктурата и канализацијата на населбата првенствено не можат да го издржат новото темпо на градба и како последици од таквото дејствување се јавуваат поплави, одрон на земјиште, испукани улици, зголемена загаденост на воздухот и општо на населбата, сечење дрва, узурпирање паркови, закани према граѓани и комплетно самоволие. Апелираме дека ситуацијата е алармантна и дека сè повеќе и повеќе штета се нанесува секој ден, на квалитетот на животот на граѓаните и во прашање се доведува целокупната иднина на населбата. Ирационалното користење на општината како институција за персонален бенефит, мора да престане веднаш!“, велат од „Зелено Тафталиџе“.
На протестот минатата среда и покрај горештините излегоа стотици незадоволни граѓани. На лимените тараби од новото градилиште, граѓаните му оставија пораки на градоначалникот со текст „Стевче Јакимовски уништувач на паркови и зеленило во Карпош“, „Стевче Јакимовски: Не може нам нико ништа јачи смо од судбине – навистина е јак го бетонира и уништи Тафталиџе“, а закачија неколку портрети од градоначалникот со пречкртано лице.
Е. БОЧВАРОСКА