Околу 2.400 жени трчаа денеска на седмото издание на Авицена женска трка во Скопје. Стартот на трката беше пред фонтаната Лотосов цвет и од таму се трчаа три километри низ скопските улици. Прва трката ја заврши Биљана Кираџиева со 10.40 минути, втора беше Ирма Хајдари со 10.54 минути, а трета Ања Еклер со 11.21 минути. Медали им беа доделени и на сите кои завршија меѓу првите три во 7-те возрасни категории.
„Ова е ден на сплотеност и заедништво. Прекрасно се чувствуваме сите. Ни претставува исклучително задоволство што можевме да го постигнеме ова како организациски тим. Најголемата енергија доаѓа од учесничките. Се гледа дека со љубов трчаат и ја сакаат патеката. Затоа со голем труд даваме сѐ од себе оваа трка да биде што е можно подобра од година во година.“, рече Гордана Николовска од Сојуз на спортови од Град Скопје.
Трката, како што кажа Николовска е посветена на Снежана Караџовска, која учествуваше во количка за да ја покаже нејзината желба повторно да прооди.
Трката е во организација на тимот на Виз Ер Скопски маратон, Сојуз на спортови на Град Скопје, а е под покровителство на Град Скопје и Агенција за млади и спорт.