АЛЧНИТЕ ТРЕНЕРИ ГИ ГОРАТ ДЕЦАТА, МОРА ДА ПОСТАВИМЕ ПОВИСОКИ КРИТЕРИУМИ ЗА НАСТАП НА ОЛИМПИЈАДА, ВЕЛИ ОЛИМПИСКАТА ПЛИВАЧКА НАТАША МЕШКОВСКА

    АЛЧНИТЕ ТРЕНЕРИ ГИ ГОРАТ ДЕЦАТА, МОРА ДА ПОСТАВИМЕ ПОВИСОКИ КРИТЕРИУМИ ЗА НАСТАП НА ОЛИМПИЈАДА, ВЕЛИ ОЛИМПИСКАТА ПЛИВАЧКА НАТАША МЕШКОВСКАСветската федерација за водени спортови ни дава вајлд-карти зашто смета дека во оваа држава има потенцијал за пливање, но овие покани не мора да се прифатат по секоја цена, вели Мешковска (Фото: Фејсбук)

    Македонија треба да постави повисоки критериуми за учество на олимпијадите место само да се прифаќаат вајлд-карти и да одиме таму на прошетка, вели Наташа Мешковска, некогашната олимписка пливачка, а сега професорка, реагирајќи на настапот на единствениот македонски пливач на ОИ во Париз, Никола Ѓуретановиќ.

    Шеснаесетгодишниот Ѓуретановиќ, чиј тренер е Горан Стаменов, заврши последен на трката на 400 метри слободно, што предизвика бурни реакции во јавноста. И додека едни сметаа дека настапот на Олимпијада е само по себе голем успех, Мешковска предупредува дека ако нешто не се промени, истото ќе ни се повтори и за четири години во Лос Анџелес.

    „Според новите правила, ако еднаш настапиш на ОИ со вајлд-карта, за следната Олимпијада мора да имаш исполнето А-норма. За тоа Никола ќе треба да исплива време за 15 секунди подобро од сегашниот личен рекорд. Колку е тоа остварливо? Досегашната пракса вели дека тоа кај нас не се случило“, вели Мешковска.

    Никола Ѓуретановиќ заврши последен на трката на 400 метри слободно, што предизвика бурни реакции во јавноста (Фото: МОК)

    Таа потсетува на примерот од претходните ОИ во Токио, каде што Филип Деркоски, чиј тренер беше Јане Карајованов, исто така беше последен во оваа дисциплина, додавајќи дека тој потоа се откажал од пливањето. И Деркоски тогаш пливал со вајлд-карта.

    „Ние немаме стручност. Не е проблем во децата, главниот проблем е алчноста на тренерите, кои разработиле шема како да се прошетаат на Олимпијада без резултат. Прават државен првак чиј резултат нема значајна вредност, па го праќаат на светско првенство за да добие покана за учество на ОИ. Тренерите се шетаат со државни пари, ги ‘горат‘ децата и после си бараат ново дете-жртва. Во Париз требаше да оди и Ева Петровска, но таа сфати дека не е спремна и одби да се брука, што е спортски од нејзина страна“, кажа Мешковска и препорача да се доведат тренери од странство.

    Таа смета дека не треба да се оди на Олимписки игри по секоја цена, туку развојот треба да има скалила.

    Заклучно со ОИ 2004 во Атина, Македонија редовно имаше пливачи со Б-норма, вкупно деветмина. Оттогаш, ова му успеа само на Марко Блажевски, во Рио де Жанеиро во 2016. Најдобриот резултат од нив го постигна Мирјана Бошевска – 17. место, додека Мешковска беше 18-та.

    „Пливачите со норма секогаш имаа подобри резултати од овие без норма. Не е поента само да се појавиме. Дваесет години одиме на олимпијадите со ставот дека е важно да се учествува. Светската федерација за водени спортови ни дава вајлд-карти зашто смета дека во оваа држава има потенцијал за пливање, но овие покани не мора да се прифатат. Целта е да не ни се повторуваат последни места“, вели Мешковска.

    Македонија е една од деветте европски држави на која ѝ следуваа специјални покани (вајлд карти) за настап на Олимписките игри во Париз, без спортистите да имаат исполнето олимписка норма. Од шестемина претставници на Македонија на ОИ во Париз, само двајца се со исполнета норма: маратонецот Дарио Ивановски и борачот Владимир Егоров, другите се со вајлд карти.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира