АРГЕНТИНА ТРЕТПАТ СВЕТСКИ ШАМПИОН, МЕСИ ГО ДОСТИГНА МАРАДОНА

    АРГЕНТИНА ТРЕТПАТ СВЕТСКИ ШАМПИОН, МЕСИ ГО ДОСТИГНА МАРАДОНАПо 3:3 по 120 минути игра, Аргентина славеше со 4:2 во пенал-серијата (Фото: Шатерсток)

    Аргентина по третпат стана светски шампион откако во спектакуларното финале на Мундијалот во Катар ја совлада Франција по подоброто изведување пенали, а Лео Меси го зацементира својот статус на аргентински фудбалски бог.

    По 3:3 по 120 минути игра, Аргентина славеше со 4:2 во пенал-серијата, во која Коман и Чуамени не беа успешни во своите обиди, пред бекот Монтиел да ја завери титулата.

    Понесени од извонредната атмосфера на стадионот „Лусаил“, Аргентинците влегоа во мечот поодлучно и поофанзивно и тоа им се исплатеше во 23. минута, кога Лео Меси реализираше пенал по прекршокот на Дембеле над Ди Марија. Само 13 минути подоцна, Анхел ди Марија ја удвои предноста на Аргентина по брзата контра што ја почна Меси, а ја продолжи Мекалистер.

    Тоа го натера францускиот селектор Дешамп на невообичаен и очајнички потег да промени двајца офанзивни играчи (Дембеле и Жиру) уште пред истекот на првото полувреме, во 41. минута.

    И покрај овие и подоцнежните измени во нападот, Франција не делуваше ништо поопасно во второто полувреме, додека Аргентина продолжи да го контролира мечот.

    И потоа, нагло се случи пресврт. Во 80. минута Мбапе беше прецизен од белата точка по фаулот над резервистот Коло Муани, а по само една минута веќе беше 2:2. На асистенција на Турам, стрелец повторно беше Мбапе.

    Петти пат во историјата на светските првенства, финалето отиде во продолженија и Аргентина повторно поведе во 109. минута преку Меси.

    Финалето доби на дополнителна возбуда кога за Франција беше досуден уште еден пенал, што Мбапе го претвори во ново израмнување во 118. минута. Тоа е прв хет-трик во мундијалските финалиња од 1966 година, но овојпат, победникот го решаваа пенали.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира