Баерн Минхен го избрка тренерот Нико Ковач по катастрофалниот пораз од Ајнтрахт од 1:5 викендов, најтежок за клубот во Бундеслигата во последните десет години. Клубот објави дека тие се разделиле со заемен договор по 18 месеци соработка.
Хрватскиот стручњак го остава Баерн како четвртопласиран на табелата, со четири бода помалку од лидерот Борусија Менхенгладбах.
Ковач го презеде Баерн во јули минатата година и по слабиот старт на сезоната, на крајот, сепак, го одведе до двојна круна.
„Настапите и резултатите на екипата во изминатите недели покажаа дека е време нешто да се преземе. Имавме отворен разговор со Нико и така дојдовме до заемна согласност тој веќе да не биде тренер на Баерн. На сите ни е жал вака што излезе“, изјави извршниот директор на Баерн, Карл-Хајнц Румениге.
На следните две средби, Баерн ќе го води помошниот тренер Ханси Флик.