Фудбалерот на Барселона Нејмар доби дозвола да преговара со Пари Сен Жермен за рекорден трансфер од 222 милиони евра. Бразилскиот репрезентативец им кажал на соиграчите на тренинг дека сака да си замине од шпанскиот клуб.
Тој потоа добил дозвола од тренерот на Барселона Ернесто Валверде да прекине со тренинзите за да реши каде ќе ја продолжи кариерата.
„Нејмар не тренираше денеска со дозвола од тренерот“, твитна Барселона.
25-годишникот има откупна клаузула во договорот од 222 милиони евра, која што ПСЖ е подготвен да ја плати. Ваквиот развој на настаните доаѓа само два дена откако Барселона соопшти дека ќе го пријави францускиот клуб во УЕФА поради нарушување на правилата за финансиски фер-плеј. Дополнително, претседателот на Шпанската фудбалска лига Хавиер Тебас рече дека ќе го тужи ПСЖ ако УЕФА не преземе ништо.