Сараево повторно би можело да биде домаќин на олимписки натпревари, во што клучна улога би одиграло неговото големо пријателство со главниот град на Каталонија, што се разви во текот на крвавата војна во Југославија во почетокот на 1990-ите.
Оваа необична идеја потекнува од Барселона, која сака да се кандидира за организатор на Зимската олимпијада во 2030 година и планира дел од натпреварите да пресели од Пиринеите во Сараево, домаќинот на Зимските олимписки игри во 1984.
„Работиме на тоа да го вклучиме Сараево во кандидатурата на Барселона за домаќин на Зимските олимписки игри во 2030 година. Воодушевен сум како идејата за нов олимписки настан во регионот ја враќа возбудата од пред 46 години, и тоа не само во Сараево, туку и во околните земји, кои несомнено ќе имаат големи придобивки од една ваква светска манифестација. Замислете со една ваква Олимпијада да се прослави повторното интегрирање на овој регион во Европа! Не можам да замислам подобар начин да се слави пријателството помеѓу Каталонија и Балканот“, вели Ерик Хаук, специјалниот претставник на владата на Каталонија на Балканот.
Тој деновиве го посети Скопје за да ги испита потенцијалите за заеднички проекти од областа на трговија, култура, спорт и туризам. Хаук и самиот беше вклучен во организацијата на Летните олимписки игри во Барселона во 1992 година, први на кои што БиХ настапи со свој тим спортисти и сега ја шири идејата за возобновување на олимпискиот дух на овие простори.
Тој откри како еден тажен повод ги поврзал неговата Каталонија и Сараево, што се развило до тој степен што главниот град на БиХ денес важи за 11. област на Барселона.
„Љубовната приказна помеѓу Каталонија и Балканот почна пред речиси 30 години, за време на најмрачните денови од распадот на Југославија. Додека Барселона се подготвуваше да биде домаќин на Летните олимписки игри во 1992, каталонскиот народ го погоди веста за загинувањето на младиот фоторепортер Жорди Пужол Пуенте во првите денови од опсадата на Сараево. Ден пред отворањето на Олимпијадата, на вечерата која ги собра градоначалниците на олимписките градови, вклучувајќи го и тогашниот прв човек на Сараево Мухамед Крешевљаковиќ, градоначалникот на Барселона Пасквал Марагал вети дека неговиот град активно ќе се вклучи во обновата на Сараево по завршувањето на војната. Неколку недели пред потпишувањето на Дејтонскиот договор, Барселона отвори канцеларија за соработка во центарот на Сараево за да ја координира хуманитарната помош што доаѓаше од Барселона и да управува со проектите на обнова на олимписки локации, како салата ‘Зетра‘ и Олимпиското село ‘Мојмило‘. Врските помеѓу двата града станаа толку цврсти што Барселона разви општинска инфраструктура во Сараево како и во секоја друга област од градот. На тој начин, Сараево беше прогласено за 11. област на Барселона“, вели Хаук.
Доколку биде прифатена кандидатурата на Барселона, Сараево би можело да учествува со неколку од своите стари олимписки капацитети. Ова првенствено се однесува на скокалниците на планината Игман и на боб патеката на Требевиќ, на која би можеле да се одржуваат натпревари во боб и санкање.
Г. КОНЕВ