БУФОН И ТОРИНО ПЛАЧЕА ЕДЕН ПО ДРУГ

    БУФОН И ТОРИНО ПЛАЧЕА ЕДЕН ПО ДРУГДодека играта продолжи на теренот, Буфон се поздравуваше со навивачите (Фото: Гети)

    Џанлуиџи Буфон во солзи се прости од Јувентус, откако против Верона го одигра последниот натпревар во дресот на клубот во којшто помина 17 години, но и навивачите плачеа заедно со него.

    Целиот стадион застана на нозе, а времето како да запре, кога тренерот Алегри одлучи да го замени 40-годишниот Буфон во 63. минута, со цел навивачите да му приредат величествено испраќање. Буфон се гушна со сите на теренот, а додека во тој момент почнуваше нова ера во историјата на клубот, тој продолжи да кружи околу теренот, поздравувајќи се со навивачите.

    „Џиџи заслужи да биде испратен на ваков начин. Атмосферата беше прекрасна, ова беше совршено збогум“, кажа тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри.

    Тој освои 19 титули во дресот на Јувентус, во кој дојде од Парма во 2001 година за тогаш рекордни 32 милиони фунти, станувајќи пример за скромност и класа, златен стандард за голман и професионалец, икона и идол на речиси секој голман на светот. Во неговата биографија ќе недостига трофејот на Лигата на шампионите, иако трипати играше финале, но затоа ја предводеше Италија до светската титула во 2006 година.

    Буфон со синовите излезе на терен за својот последен меч во дресот на Јувентус (Фото: Гети)

    Најавувајќи го своето заминување од Јувентус, Буфон не откри кои се неговите идни планови, но во игра е и продолжување на кариерата на некој друг континент.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари