БУШТУР, БИДИ ДОБАР ГОРЕ КАКО ШТО БЕШЕ ОВДЕКА ДОЛУ – МАКЕДОНИЈА СЕ ПРОСТУВА ОД СВОЈАТА КОШАРКАРСКА ЛЕГЕНДА

    БУШТУР, БИДИ ДОБАР ГОРЕ КАКО ШТО БЕШЕ ОВДЕКА ДОЛУ – МАКЕДОНИЈА СЕ ПРОСТУВА ОД СВОЈАТА КОШАРКАРСКА ЛЕГЕНДАТодор Гечевски се присети дека Буштур прв го викнал во репрезентација, но не стигнале заедно да отидат на риболов (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Биди добар горе, како што беше и овдека долу“, му порачаа на Буштур негови пријатели, другари, колеги, почитувачи на денешната комеморација во хотелот „Хилтон“ во Скопје, ден откако земјата ја обиколи шокантната вест за трагичната смрт на легендата на македонската кошарка.

    Многумина имаа што да кажат за Благоја Георгиевски, кој завчеравечер го загуби животот во сообраќајна несреќа во Кисела Вода, затоа што тој, како што кажа претседателот на Македонскиот олимписки комитет Васил Тупурковски, зад себе остави армија пријатели.

    Семејството на Буштур емотивно реагираше на приказните за него (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Не ми паѓа на памет да го прифатам тоа што го слушнавме вчера. Ќе мислам дека Благојче, како што го викав од 1969 година кога се запознавме, е четири месеци во камп, потоа дека отпатувал некаде и така долго време ќе се справуваме со оваа загуба. И не знаеме како да се носиме со тоа. Таа празнина не може да се дополни, тоа наше пријателство не може да се надомести. За мене, тој беше неверојатен пријател, како и со илјадници други луѓе, комуникативен, духовит, секогаш со иницијатива за дружба. Ние бевме армија другари што го познававме и се дружевме и тоа беше огромна привилегија, за мене една од најголемите. Буштур ќе биде тука околу нас, ќе остане наш корифеј“, рече Тупурковски.

    Беше голема привилегија да се има Буштур за пријател, кажаа на комеморацијата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Георгиевски целата своја кариера ја помина во Работнички и е единствениот македонски кошаркар кој со југословенската репрезентација освоил медал(и) на големите натпреварувања, вклучувајќи и олимписко сребро.

    „Од 1967 година бевме заедно, на Работнички му ја дадовме нашата младост. Жално е што нема видеоснимки за да се види како игравме. Буштур, биди добар горе, како што беше и долу. Знам дека таму си во добро друштво, со наши луѓе, таму ти е и Коби Брајант. Ќе имате добра забава, а ние овдека ќе чуваме спомени за тебе“, изјави Драган Радосављевиќ, уште една легенда на Работнички.

    Освен кошарката, Буштур имаше и друга страст – риболовот.

    „Кога почна да се оддалечува од кошарката, се пронајде во риболовот. Кога и да отидеше некаде, ќе ми се јавеше: ‘Стево, да видиш колкави парчиња риба има‘“, низ солзи се присети актерот Ѓокица Лукаревски за еден од своите најстари другари.

    „Го минав животот со него, уште од средно, па сѐ до последниот момент. Малку е познато дека бил шампион на Скопје во пинг понг, од што израсна во феноменален кошаркар. Се сеќавам како му помагав и го мотивирав да се врати во репрезентацијата. Заедно трчавме во парк, па се враќавме на игралиштето на Вардар и до десет навечер му фрлав топки за да го усоврши шутот од табла. Успеа со големи труд и желба да се врати во репрезентацијата и толку бев среќен. Тој беше иницијатор на многу наши средби и го одржуваше друштвото“, додаде Лукаревски.

    Г. КОНЕВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари