ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ Е ОЛИМПИСКИ ВИЦЕШАМПИОН ВО ТЕКВОНДО

    ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ Е ОЛИМПИСКИ ВИЦЕШАМПИОН ВО ТЕКВОНДОГеоргиевски ѝ го донесе на Македонија првиот олимписки медал по пауза од 21 година

    Дејан Георгиевски е олимписки вицешампион во теквондо во категоријата до 80 килограми. Тој се закити со сребро откако во финалето изгуби со 15:9 од Русинот Владислав Ларин, најдоброрангираниот натпреварувач на турнирот. Ова е првиот олимписки медал за Македонија по пауза од 21 година.

    Георгиевски со сребрениот медал на олимпискиот пиедестал во Токио.

    Ларин ја доби првата рунда со 2:0 и иако Георгиевски освои дури седум поени во следните две минути, противникот успеа да ја задржи предноста од два поена ((9:7). Во третата рунда, Георгиевски не успеа да зададе ниеден директен удар што би му донесол поени и Ларин мирно ја приврши борбата.

    На патот до финалето, Георгиевски денеска ги совлада актуелниот светски првак Рафаел Јуниер Алба Кастилјо од Куба со 11:8, репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане, со 9:4 и Кјо Дон Ин од Јужна Кореја со 12:6.

    Георгиевски, кој е член на теквондо клубот Бутел, во кариерата има освоено злато и сребро на европските првенства, а нормата за Токио ја избори на квалификацискиот турнир во Софија.

    Пред Георгиевски, бронзата на борачот Могамед Ибрагимов од Сиднеј во 2000 беше единствениот олимписки медал за Македонија од осамостојувањето. Под знамето на Југославија, деветмина спортисти од Македонија освоија вкупно 15 медали од 1956 до 1988 година, од кои два златни, пет сребрени и шест бронзени.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира