Новак Ѓоковиќ по десетти пат триумфираше на Отвореното првенство на Австралија и го израмни рекордот на Рафаел Надал од 22 освоени гренд слем титули. Ѓоковиќ од утре повторно ќе биде светски рекет број еден.
Во денешното финале во Мелбурн, Ѓоковиќ го совлада грчкиот тенисер Стефанос Циципас со 6:3, 7:6, 7:6 и не само што му ја одзеде можноста да ја освои првата гренд слем титула, туку и да избие на врвот на АТП-листата.
Иако изгуби во три сета, Циципас не беше без шанси на мечот, па така Ѓоковиќ спаси сет-топка пред да израмни на 5:5 во вториот сет.
Десеттиот триумф на Ѓоковиќ во исто толку финалиња во Мелбурн следува една година откако тој беше депортиран од Австралија зашто не беше вакциниран против ковид-19.