ДВАЈЦА УЧЕСНИЦИ НА СКОПСКИОТ МАРАТОН КОЛАБИРАЛЕ ПОРАДИ ДЕХИДРИРАНОСТ И ЗАВРШИЛЕ В БОЛНИЦА

    ДВАЈЦА УЧЕСНИЦИ НА СКОПСКИОТ МАРАТОН КОЛАБИРАЛЕ ПОРАДИ ДЕХИДРИРАНОСТ И ЗАВРШИЛЕ В БОЛНИЦАПоради пандемијата со ковид-19, на маратонот оваа година трчаа ограничен број на учесници, 1.500. (Фото: К. Попов)

    Двајца учесници на Скопскиот маратон колабирале и се хоспитализирани на Клиниката за токсикологија, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК заменик директорот д-р Нико Беќаровски. Голем број од учесниците се жалеа по вчерашната трка, коментирајќи дека поради спарното време ова бил најтежок Скопски маратон досега.

    Д-р Беќаровски вели дека станува збор за двајца тркачи на возраст од 40-тина година, кои изгубиле свест поради исцрпеност и дехидратација. Едниот е веќе пуштен од болница, а другиот во зависност од лабораториските параметри се очекува да биде пуштен утре.

    Скопскиот маратон се одржа вчера под специјален протокол за заштита од ковид-19, и под мотото „Трчањето ќе те промени“. Поради пандемијата со ковид-19, на маратонот оваа година трчаа ограничен број на учесници, 1.500 во три дисциплини: маратон, полумаратон и штафетен маратон.

    Серхиј Шевченко од Украина кај мажите победи на годинашниот 16. Скопски маратон со време од 02:22:49, а кај жените победи Луиза Гега од Албанија, со време од 02:35:34. Од македонските учесници, на државното првенство во маратон во организација на Атлетска федерација на Македонија победници се Дарио Ивановски со време од 02:31:16, и Адријана Поп Арсова со време од 02:58:14.

    Во полумаратон победија двајца македонски тркачи, кај жените Милијана Ристиќ со време од 01:26:31, а кај мажите Атанас Анчевски со 01:14:09.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира