Енцо Мареска треба да го наследи Пеп Гвардиола на клупата на Манчестер сити, кој се очекува да го напушти клубот по завршувањето на сезоната. Според англиските медиуми, бившиот тренер на Челзи е истакнат како главен кандидат да го води Сити од следната сезона, а преговорите биле во напредна фаза и тој ја сакал работата.
Италијанскиот тренер, кој со Челзи ги освои Лигата на конференции и Светското клупско првенство, претходно работеше во стручниот штаб на Манчестер сити. Неговиот прв тренерски успех беше пласманот на Лестер во Премиерлигата во 2024.
„Енцо Мареска е еден од најдобрите тренери во светот, го познавам доста добро. Работата што ја заврши во Челзи не доби доволно признание“, кажа Гвардиола претходно.
Гвардиола го презеде Сити во 2016, кој под негово водство освои 20 трофеи, вклучувајќи шест титули во Премиерлигата и една во Лигата на шампионите.
Како што објави „Гардијан“, Гвардиола ги информирал играчите дека ќе го напушти клубот по последниот натпревар од Премиерлигата против Астон вила овој викенд. Тој се решил на ваков потег откако веста за неговото заминување се појави синоќа, изненадувајќи го додека се подготвувал за денешниот натпревар против Борнмут.



