Англија, Германија, Холандија и други европски репрезентации нема да ја носат шарената капитенска лента на Светското првенство во Катар поради заканите од ФИФА дека тоа ќе се казнува со картони. Капитените на девет селекции планираа да носат лента со која се промовираат различности и инклузивност.
„Не сакаме да ги ставаме нашите играчи во позиција да бидат казнувани. Многу сме фрустрирани од одлуката на ФИФА, за која веруваме дека е без преседан“, стои во заедничката изјава на седум европски фудбалски федерации.
Дел од учесниците на Мундијалот најавија дека нивните капитени ќе носат шарена лента со натпис „Една љубов“ за да укажат на нарушувањата на човековите права и на третманот на ЛГБТ заедницата во Катар. Тие велат дека уште во септември ја известиле ФИФА за својата намера, но оттаму не добиле одговор.
„ФИФА беше многу јасна дека ќе има спортски санкции ако нашите капитени носат шарена лента на теренот. Бевме подготвени да платиме казни кои вообичаено се изрекуваат за нарушување на правилата за опремата, но не сакаме играчите да добиваат картони или да бидат спречени да играат“, велат федерациите.
Во исто време, ФИФА покрена своја кампања против дискриминација и капитените ќе смеат да носат таква лента за време на првенството.
Пред почетокот на Мундијалот, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, го обвини западот за лицемерие поради неговите извештаи за човекови права во Катар.