ФЕДЕРЕР ОБЈАВИ ДЕКА ОДИ ВО ПЕНЗИЈА

    ФЕДЕРЕР ОБЈАВИ ДЕКА ОДИ ВО ПЕНЗИЈАФедерер се мачеше со повреди на коленото во последните три години (Фото: АП)

    Роже Федерер, еден од најголемите тенисери на сите времиња и освојувач на 20 гренд слем титули, објави дека ќе се повлече од тениските терени подоцна овој месец по настапот на Купот Лејвер во Лондон. Четириесет и едногодишниот Швајцарец нема играно од ланскиот Вимблдон, по кој третпат го оперираше коленото.

    Последните пораки од моето тело беа јасни. Одиграв повеќе од 1.500 мечеви за 24 години. Сега мора да си признам дека ова е крај на мојата натпреварувачка кариера. Тенисот е мојата љубов и никогаш нема да го напуштам“, напиша Федерер на Твитер.

    Тој се мачеше со повреди на коленото во последните три години, поради што настапи на само три од 11 гренд слем турнири од почетокот на 2020. Најави дека ќе мора да оди на уште операции на коленото.

    Ова е горчлива одлука зашто ќе ми недостига сè што ми го дадоа турнирите. Во исто време, има многу нешта за славење. Ми беше даден посебен талент да играм тенис и играв на нивото што никогаш не сум можел да го замислам“, додаде тој.

    Федерер го имаше професионалното деби на 16-годишна возраст во 1998, а првата гренд слем титула ја освои на Вимблдон во 2003. Последниот, 20. гренд слем триумф го оствари на Отвореното првенство на Австралија во 2018. На првото место на АТП-листата првпат се искачи во 2004 и таму помина вкупно 310 недели.

    Купот Лејвер почнува на 23 септември, каде што Федерер ќе се прости во друштвото на Ѓоковиќ, Надал и Мареј, неговите најголеми ривали во кариерата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира