Роже Федерер го одигра првиот меч по најдолгата пауза во својата кариера и го совлада Ден Еванс со 7:6, 3:6, 7:5, за да се пласира во четвртфиналето на Катар опен.
Федерер се врати на терените по цели 405 дена, откако претходниот меч го одигра во јануари 2020, во полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија, по што имаше две операции на коленото.
„Убаво е чувството што се вратив. Мислам дека одиграв добар меч и неверојатно сум среќен со мојот настап“, кажа Федерер, кој неодамна изјави дека не размислува за крај на кариерата, иако во август ќе наполни 40 години.
Федерер досега има освоено 20 гренд слем титули и го дели рекордот со Рафаел Надал, но Новак Ѓоковиќ најави дека има амбиции да ги надмине.