Два кикса на голманот Кариус и спектакуларниот погодок на Герет Бејл му ја донесоа 13. европска титула на Реал Мадрид, кој со 3:1 (0:0) го совлада Ливерпул во финалето на Лигата на шампионите на Олимпискиот стадион во Киев.
Реал со тоа стана првата екипа во последните 42 години, која успеала да освои три европски круни во низа.
Не така жестокото прво полувреме го обележа повредата на најдобриот играч на Ливерпул, Мохамед Салах, кој по еден дуел со Серхио Рамос, беше принуден во солзи да излезе од теренот уште во 31. минута.
Голманот на Ливерпул на бизарен начин му го сервираше првиот гол на Реал во 51. минута, кога невнимателно ја исфрли топката со рака, а таа од ногата на Бензема се одби во голот. Мане израмни само четири минути подоцна.
Тренерот на Реал, Зинедин Зидан, го повлече клучниот потег во 61. минута, кога во игра го уфрли Герет Бејл, а тој по само две минути го совлада Кариус со чудесни „ножички“. Велшанецот ја запечати победата во 83. минута, благодарение на уште една несреќна реакција на голманот на Ливерпул.