ФФМ ПОБАРА ОД УЕФА ДА ГО ОДЛОЖИ МЕЧОТ МАКЕДОНИЈА-КОСОВО

    ФФМ ПОБАРА ОД УЕФА ДА ГО ОДЛОЖИ МЕЧОТ МАКЕДОНИЈА-КОСОВОФФМ предупредува дека некои играчи би можеле да бидат ставени во изолација при доаѓањето во Македонија. - Горан Пандев (Фото: СДК.МК)

    Фудбалската федерација на Македонија и официјално побара одложување на натпреварот со Косово, откако со новите мерки на Владата против ширењето на коронавирусот тој треба да се игра пред празни трибини на 26 март на националната арена „Тодор Проески“.

    Ова е прв од двата бараж-натпревара преку кои Македонија може да избори пласман на годинашното Европско првенство. Во екот на новиот развој на настаните, ФФМ испрати допис до УЕФА, барајќи негово одложување.

    „Покрај играњето без гледачи, постои и проблемот со доаѓањето на фудбалерите во нашата држава, односно евентуална изолација за оние кои би пристигнале од земјите со висок степен на присуство на КОВИД-19. Токму поради овие вонредни причини, Фудбалската федерација на Македонија е во постојана и интензивна комуникација со Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје и во целост се придржува кон нивните препораки, мерки и забрани“, се вели во соопштението на ФФМ.

    Оттаму додаваат дека натамошен проблем можат да бидат мерките на претпазливост за влез во Грузија и Белорусија, бидејќи во една од овие земји ќе се игра финалето од баражот.

    Во Италија, каде што моментално има најмногу заразени надвор од Кина, играат тројца актуелни репрезентативци: Пандев, Елмас и Нестороски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира