Членови на шампионскиот тим во Формула 1, Мерцедес, изјавија дека биле цел на вооружен грабеж, кога си заминувале од тренингот на патеката Интерлагос, кадешто утре ќе се вози трката за Големата награда на Бразил.
Никој не бил повреден, но Луис Хамилтон, кој не бил присутен, потресено кажа дека биле испукани неколку истрели.
„Ова се случува секоја година. Формула 1 и тимовите мора да преземат нешто, нема изговори“, изјави новиот светски првак.
Мерцедес го потврди инцидентот, додавајќи дека им се украдени вредни работи, додека полицијата на Сао Пауло соопшти дека не е известена за ова.
И портпаролот на Меѓународната автомобилистичка федерација, Матео Бончани, кажа дека неговиот автомобил бил пресретнат од вооружени лица, кога вчера си одел од патеката.
„Тие почнаа да удираат по прозорците со пиштоли. Во прв момент мислев дека се некои деца, но потоа видов пиштоли. Тие избегаа откако не успеаја да ги скршат“, рече Бончани.