Пехарот на Светското првенство се враќа во Франција по 20 години пауза.
Хрватска не успеа да ја заокружи најголемата сензација во мундијалската историја, откако загуби од Франција со 4:2 во најефикасното финале во последните 52 години. Ова е втора светска титула за „сините“, по триумфот на домашен терен во 1998 година.
Хрватска буквално им подари два гола на Французите во првото полувреме: прво Манџукиќ ја затресе сопствената мрежа во 18. минута, а само десет минути откако го постигна израмнувачкиот погодок, Перишиќ играше со рака во сопствениот 16-ник, по што Гризман беше прецизен од белата точка.
Погба и Мбапе во рок од само седум минути во второто полувреме ѝ донесоа огромна предност на Франција, што беше ублажена во 69. минута, кога Манџукиќ искористи голем кикс на голманот Љорис.
По Марио Загало и Франц Бекенбауер, Дидје Дешамп е трет кој успеа да стане светски првак и како играч и како селектор.