Францускиот возач Антоан Ибер загина на денешната трка за Големата награда на Белгија, што се возеше во рамките на Формула 2, објави Меѓународната автомобилистичка федерација.
Дваесет и двегодишниот Ибер почина откако неговиот болид беше удрен од возилото на Хуан Мануел Кореја при брзина од 170 километри на час. Ибер беше превезен во болница во Лиеж, каде што им подлегнал на тешките повреди. Состојбата на Кореја е стабилна.
Трката беше прекината по несреќата и по неколку минути целосно откажана, кога стана јасно дека последиците се многу сериозни.
Ибер, кој возеше за тимот на БВТ Арден, беше осми во првенството, откако претходно победи на трките во Монако и Франција.