Новак Ѓоковиќ ја одбрани титулата на Отвореното првенство на Австралија, откако во денешното финале го совлада Доминик Тим со 6:4, 4:6, 2:6, 6:3, 6:4.
Српскиот тенисер со тоа го зголеми својот рекорд на освоени титули во Мелбурн на осум, при што ниту еднаш досега не изгубил финале. За Ѓоковиќ ова е вкупно 17. гренд слем титула.
Дваесет и шестгодишниот Австриец и натаму останува без гренд слем титула, откако двапати губеше во финалето на Ролан Гарос и сега на Австралија опен. Тој направи пресврт откако го загуби првиот сет, користејќи драстичен пад во играта на противникот, но по четири часа игра, сепак, остана без титулата.
Со триумфот во Мелбурн, Ѓоковиќ ќе го помине Рафаел Надал и утре повторно ќе се врати на првото место на АТП-листата.