ЃОКОВИЌ ЌЕ ОДИ НА НОВИ ЛЕКАРСКИ ПРЕГЛЕДИ ПРЕД РОЛАН ГАРОС ОТКАКО МУ ПАДНА ШИШЕ ВРЗ ГЛАВАТА

    ЃОКОВИЌ ЌЕ ОДИ НА НОВИ ЛЕКАРСКИ ПРЕГЛЕДИ ПРЕД РОЛАН ГАРОС ОТКАКО МУ ПАДНА ШИШЕ ВРЗ ГЛАВАТАЃоковиќ делеше автограми по победата во второто коло во петокот кога метално шише испадна од ранецот на еден гледач и му падна врз главата

    Новак Ѓоковиќ кажа дека ќе оди на дополнителни лекарски прегледи откако во петокот беше погоден со шише во главата, за што смета дека придонело за неговиот пораз во третото коло на Мастерс турнирот во Рим.

    Светскиот рекет број еден делеше автограми по победата во второто коло во петокот кога метално шише испадна од ранецот на еден гледач и падна директно врз главата на Ѓоковиќ. По почетните крвавење и мачнина, Ѓоковиќ кажа дека во саботата се чувствувал добро и нормално тренирал, но додаде дека вчера се почувствувал како сосема друг играч кога убедливо изгуби од Чилеанецот Алехандро Табило.

    „Беше неочекувано. Не ни гледав нагоре, кога почувствував како нешто многу силно ме удри во главата. Ударот беше навистина силен. Добив лекарска помош и потоа еден час имав гадење, вртоглавица, крвавење, разни работи. Спиев добро, но имав главоболки. Следниот ден бев добро, но на теренот беше како некој друг играч да влегол во моите патики. Немав ритам, темпо, ни рамнотежа. Малку ме загрижи тоа“, изјави Ѓоковиќ.

    На мечот со Табило тој изгледаше како едвај да чека да замине од теренот.

    „На два недели до Ролан Гарос ќе мора да направам нови прегледи. Немав болки, но имав проблеми со балансот. Мора да се испитам за да видам што е“, кажа Ѓоковиќ.

    По одличната 2023, тој ќе настапи на Ролан Гарос без освоен трофеј оваа сезона, што последен пат му се случи во 2018 и само вторпат откако ја освои својата прва титула во 2006.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира