Тенисерите кои не се вакцинирани против ковид-19 веројатно нема да смеат да влезат во земјата и да играат на Отвореното првенство на Австралија, изјави Даниел Ендрјус, премиерот на сојузната држава Викторија, на која ѝ припаѓа и Мелбурн. Првиот гренд слем турнир во 2022 треба да почне на 17 јануари.
Викторија воведе задолжително вакцинирање за сите професионални спортисти.
„Мислам дека невакцинираните тенисери нема да добијат виза за влез во земјата. Ако и добијат виза, веројатно прво ќе мора да одат во карантин на неколку недели. Вирусот не го интересира колку висок рејтинг имате и колку гренд слем титули сте освоиле. Мора да бидете вакцинирани“, кажа Ендрјус.
Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ вчера одби да открие дали се вакцинирал и навести дека можеби нема да ја брани титулата на Австралија опен. Во интервјуто за весникот „Блиц“, Ѓоковиќ кажа дека вакцинирањето е приватна работа.
„Сакам да играм, но не знам дали ќе одам во Австралија. Ситуацијата не е добра. Страшно е што се случува во светот помеѓу вакцинираните и невакцинираните. Не ми се верува на што спаднавме. Многу сум разочаран од општеството и медиумите кои вршат притисок врз луѓето. Нема да откријам дали сум се вакцинирал. Тоа е приватна работа и непримерно прашање“, кажа Ѓоковиќ.
Австралискиот премиер Скот Морисон објави дека меѓународните патувања од и кон земјата ќе продолжат од 1 ноември за државјаните и постојаните жители, но засега не е донесена одлука за други кои имаат виза.
Турнирот во 2021 беше поместен за три недели, а играчите прво мораа да одат во хотелски карантин.