Новак Ѓоковиќ се пласираше во своето прво гренд слем финале по речиси две години пауза, откако по два дена играње го совлада Рафаел Надал со 6:4, 3:6, 7:6, 3:6, 10:8 во второто полуфинале на Вимблдон.
Српскиот тенисер, кој настапува како 12. носител, ќе има помалку од 23 часа одмор до решавачкиот меч со Кевин Андерсон, што е на програмата утре од 15 часот.
Откако вчера се одолжи првото полуфинале помеѓу Андерсон и Изнер, Ѓоковиќ и Надал стигнаа да одиграат само три сета, пред нивниот меч да биде прекинат во 23 часот по локално време. Второто полуфинале, на крајот, траеше повеќе од пет часа.
Последното гренд слем финале на Ѓоковиќ беше Ју-Ес опен во 2016 година, а утре ќе се бори за својата четврта титула на Вимблдон, што го освојуваше во 2011, 2014 и во 2015 година.