Грчкиот министер за спорт Лефтерис Авгенакис вчера испрати писмо со жалба до претседателот на УЕФА Александер Чеферин за дресовите на македонската фудбалската репрезентација на Европското првенство, објавија грчките медиуми.
Грција има забелешка на амблемот на дресовите на кој ја има кратенката на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и вели дека иако Договорот од Преспа не ја регулира употребата на кратенки, во пракса треба да се користат кратенки со уставното име на земјата, во случајов Северна Македонија.
Грција бара од УЕФА македонската репрезентација да ја користи кратенката НМ или РНМ од англиската верзија на уставното име, место ФФМ. Од УЕФА, Грција бара и да го разгледа името на македонската фудбалска федерација. Слично писмо испрати и грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас до македонскиот колега Бујар Османи.
Македонија го игра првиот натпревар на ЕП утре во Букурешт против Австрија. Грција не учествува.