Хрватските ракометари, предводени од Лино Червар, ќе се борат за своето прво европско злато откако во луд полуфинален натпревар на ЕП во Австрија, Норвешка и Шведска ја совладаа Норвешка со 29:28 по 80 минути игра.
На мечот на кој се играа дури четири продолженија, пикерот Жељко Муса на асистенција на Игор Карачиќ ја затресе мрежата на Норвешка на две секунди до крајот, за да ја одведе Хрватска во трето финале. Сепак, Хрватска нема европско злато во својата богата колекција откако губеше во финалето во 2008 и 2010 година.
По осум години, Кире Лазаров е на прагот да го изгуби рекордот на европските првенства, откако норвешкиот репрезентативец Сандер Сагосен постигна десет гола против Хрватска. Со тоа, Сагосен стигна до бројката од 61 постигнат погодок на ова ЕП, учинок што Лазаров го оствари на првенството во Србија во 2012 година, кога Македонија беше петта.
Сагосен ќе има шанса и да го надмине Кире, имајќи предвид дека Норвешка в недела ќе игра за утешна бронза.