Деветнасетгодишниот Италијанец Пасквале Џордано од Неапол со време од 1:56:15.е победник на трката во далечинско пливање која се одржа на Езерото Младост кај Велес. Победничкото постолје го поделија сонародниците Марио Санцуло како втор и Џузепе Иларио со третото место.
„Ова беше моја втора трка во Европскиот куп годинава, по првата во Италија. Трката не беше тешка, сите Италијанци кои бевме во врвот се знаеме. Сега победив јас, на следната некој друг. Дуваше ветер, но не беше проблем, како кога пливам на море во Италија“, рече Џордано.
Кај девојките победи осумнаесетгодишната Бетина Фабиан од Унгарија со време од 2:07:21, второто место го освои Леа Бој од Германија, а трета беше Италијанката Ариана Бриди.
„Ова е моја прва победа од Европскиот куп, иако учествував на сите четири претходни трки. Многу сум среќна и задоволна. Водата беше одлична, брзината на трката спора“, кажа Бриди.
Повеќето од учесниците најавија дека се пакуваат и следниот викенд ќе учествуваат на најпрестижната европска трка во далечинско пливање Капри-Неапол во Италија, која е во должина од 37 км.
Во Младост патеката беше на 10 км и се пливаше шест круга. Најдобро пласиран македонски пливач беше Евгениј Поп Ацев на 8-то место, а кај девојките Ивана Неделковска на 10 место.
Ова беше петтата трка од Европскиот куп, претходните се одржаа во Израел, Италија, Словачка и во Србија, а финалето е на 23 септември во Барселона, Шпанија. Организатори беа Клуб 28 од Велес и Кајак кану клуб Бабуна, а финансиски поддржана од Националната пливачка федерација и Општина Велес. Победниците добија парична награда по 2.500 евра, второпласираните по 1.500 и третопласираните 1.500 евра. Пливаа 32 пливачи, 17 во машка и 15 во женска конкуренција, од 13 држави.
Вчера се одржа финалето од Националниот куп во далечинско пливање. Кај мажите победи Евгениј Поп Ацев, а кај девојките Јана Костадиновска. Тоа беше петта трка и финале , откако претходно се пливаше на Крушевско, Преспанско и две трки на Охридско Езеро, во Охрид и Љубаништа.
П. ПЕЧКОВ