Јужна Кореја распореди 900 војници, откако 1.200 обезбедувачи беа повлечени од должност како резултат на ширење на норовирус во капацитетите каде ќе се одржи Зимската олимпијада во Пјонгчанг.
Организаторите велат дека кај 41 лице од обезбедувањето во неделата одеднаш се јавиле симптоми на вирусот, односно повраќање и пролив и веднаш биле пренесени во болница. Ова се случува неколку дена пред отворањето во четврток на Зимските олимписки игри 2018, кои се одржуваат во јужна Кореја.
За да спречи ширење на болеста, останатите лица од обезбедувањето се повлечени и заменети се со 900 војници вчера попладне, соопшти Олимпискиот комитет од Пјонгчанг.
„Војниците ќе бидат одговорни за безбедносните проверки на 20 локации, што вклучува и безбедносни претреси, исти како што прават и цивилниот персонал за обезбедување, додека не се нормализира состојбата на пациентите, стои во изјавата од Олимпискиот комитет.
Според соопштениет, сите цивилни чувари се во стабилна состојба. Организаторите велат дека ги дезинфицирале сите автобуси и сместувачки капацитети за олимпијадата.
Првиот олимписки настан ќе се одржи во четврток на 8 февруари. Натпреварувањата ќе се одржуваат два недели пред завршната церемонија во недела на 25 февруари.
Корејскиот центар за контрола на болести и заштита вчера со соопштение кажа дека 41 член на обезбедувањето престојувале во иста зграда во Пјонгчанг.
„Веднаш пративме тим во Пјонгчанг за да се провери дали други луѓе имаат симптоми, да се открие изворот на заразата, да се преземат мерки за контрола на инфекцијата и да се спречи нејзино ширење“, стои во изјавата на Центарот за контрола на болести и превенција на Јужна Кореја.
Не е јасно како чуварите се заразиле со вирусот. Во моментов се испитуваат водата и храната во сместувачките капацитети, додека Олимпискиот комитет кажа дека ќе ги зајакне контролите на собите за спиење за чуварите и работниците, ангажирани за игрите, за да се спречи натамошна инфекција.