Каратистот Емил Павлов на Европското првенство во Шпанија го освои бронзениот медал и е единствениот македонски претставник што од Гвадалахара се враќа со медал.
Во борбата за третото место, Павлов го победи романскиот репрезентативец Флорин Гоголоси со извонреден пресврт. Тој успеа од негатива со 0:2 во поени, мечот да го доведе во своја корист и на крајот да победи со 3:2.
„Павлов претходно беше поразен од светските шампиони, Словакот Адлер и Русинот Пласхутин, морам да кажам со мала помош на судиите, но со победите над србинот Марко Антиќ и црногорецот Ненад Дуловиќ успеа да обезбеди пласман за бронзата и на крајот во тоа успеа. Со една извонредна борба го победи романскиот противник и го освои медалот“, вели тренерот Сашко Арсовски.
По враќањето од Шпанија, Емил Павлов веќе ги продолжува натпрерварите во рамките за олимписката норма за Токио, а претходница на тоа се претстојните европски игри во Минск, Белорусија.
Т. ЈОВАНОВСКИ