Австралискиот премиер Скот Морисон го предупреди Новак Ѓоковиќ дека би можел да биде вратен дома доколку при доаѓањето во земјата не покаже соодветен доказ за да го оправда своето изземање од вакцинирањето против ковид-19. Тој треба да пристигне во Мелбурн утревечер, откако организаторите на Отвореното првенство на Австралија му дозволија да ја брани титулата иако не е вакциниран, одобрувајќи му настап врз основа на медицинско изземање. Оваа одлука доведе до бурни реакции во австралиската јавност.
„Ѓоковиќ нема да добие никаков специјален третман по доаѓањето. Тој ќе биде на првиот авион за дома ако не приложи доказ со кој ќе го поддржи своето медицинско изземање од вакцинирањето против ковид-19“, кажа Морисон.
Според сегашните правила, сите кои влегуваат во земјата, вклучувајќи ги и домашните граѓани, мора да бидат целосно вакцинирани против ковид-19 или одат во двонеделен хотелски карантин.
„Секое поединечно барање за влез во Австралија мора да биде во согласност со нашите барања на границата. Ќе видиме што ќе ни покаже Ѓоковиќ. Нема да има никакви посебни правила за него, ниту за кого било. Неговиот случај не е уникатен, но мора да има доказ“, рече Морисон.