Кинески фанови запалија дресови на Арсенал и го повикаа клубот да го отпушти Месут Озил откако тој јавно ја критикуваше Кина за третманот на муслиманите во земјата.
Во петокот, бившиот германски репрезентативец на Инстаграм ги опиша Ујгурите како „воини кои се спротивставуваат на прогонот од кинеските власти“, на што го додаде и знамето на краткотрајната република Источен Туркестан, област што денес е под контрола на Кина.
„Во Кина палат Куран, затвораат џамии и исламски теолошки школи, убиваат религиозни учители. Но, и покрај тоа, муслиманите остануваат мирни“, напиша Озил.
Неговите зборови предизвикаа гнев во Кина, каде што Арсенал има милиони фанови и кинеската телевизија го откажа вчерашниот пренос од дуелот со Манчестер сити.
„Озил бил измамен од лажни вести. Многу разочарувачки“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
На тамошната социјална мрежа Веибо фанови објавија фотографии како палат дрес на Арсенал.