КОЈ САКА, МОЖЕ ДА НАСТАПИ НА ОЛИМПИЈАДАТА, КАЖА ПУТИН ПО СУСПЕНЗИЈАТА НА РУСИЈА

    КОЈ САКА, МОЖЕ ДА НАСТАПИ НА ОЛИМПИЈАДАТА, КАЖА ПУТИН ПО СУСПЕНЗИЈАТА НА РУСИЈАЈа отфрли можноста за целосен бојкот на ЗОИ. - Владимир Путин (Фото: АФП)

    Владимир Путин изјави дека нема да спречи ниту еден руски спортист кој сака да настапи на претстојните Зимски олимписки игри во Пјонгчанг, со што ја отфрли можноста за бојкот.

    Иако Меѓународниот олимписки комитет ја суспендираше Русија поради систематското допингување на нејзините спортисти на претходните Зимски игри во Сочи, некои од нив, сепак, ќе можат да учествуваат, но под олимписките знаме и химна. Услов да добијат покана од ИОЦ е да докажат дека не биле дел од допинг-програмата, за која било утврдено дека била поддржана од државата.

    „Ние нема да воведеме никаква блокада. Нема никого да спречиме ако сака да настапи на Зимската олимпијада. Тие цел живот се подготвуваат за тоа и знам колку им е важно. На крајот, самите спортисти ќе одлучат за тоа“, кажа Путин.

    Тој ја опиша казната како политички мотивирана.

    „Ова ми личи како инсценирана и политички мотивирана одлука. Јас воопшто не се сомневам во тоа“, додаде Путин.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари