Боксерската легенда Мајк Тајсон објави дека влегува во бизнисот со марихуаната, само ден откако нејзината рекреативна употреба беше легализирана во Калифорнија.
Педесет и едногодишниот Тајсон купи земјиште од 16 хектари во Калифорнија Сити, гратче од 15.000 жители, на коешто ќе овозможи да се одгледува канабис. Тој, исто така, ќе отвори училиште, наречено „Тајсоновата школа за култивирање“, во коешто производителите ќе го усовршуваат процесот на одгледување марихуана.
Ранчот на Мајк Тајсон ќе има и амфитеатар и луксузна област за кампирање.
Тајсон отсекогаш бил голем поддржувач на медицинската марихуана, која во Калифорнија беше легализирана уште во 1996 година и тој се надева дека со овој потег ќе придонесе за натамошните истражувања на нејзините клинички придобивки.
Тој ќе го води ранчот со двајца бизнис партнери, а доби поддршка и од градоначалничката Џенифер Вуд.
„Ова значи повторно раѓање на градот и ќе отвори нови работи места“, изјави Вуд.
На 1 јануари, Калифорнија стана шестата сојузна држава во САД која ја легализираше марихуаната за јавна употреба и во наредните години очекува приход од десетици милијарди долари.