Каратистите на Макпетрол освоија девет медали на државното првенство за сениор(к)и, што викендов се одржа во Штип, со што само го потврди статусот на најдобар карате клуб во Македонија.
Нови државни прваци во борби станаа Сара Радичевска (-50 кг), Симона Заборска (-55 кг) и Анѓела Мојсовска (-68 кг), а Макпетрол ја освои титулата и во екипна женска конкуренција.
Со сребрен медал се закитија Моника Пендаровска (-55 кг), Наташа Стефановска (-61 кг) и Ева Блажевска (+68 кг), додека како трети завршија Моника Стефановска (-68 кг) и Петар Заборски (-75 кг).
„Среќни сме и задоволни што и оваа година сме најдобар клуб во генерален пласман. Имавма апсолутна доминација во борби во женска конкуренција, и поединечно и екипно. Радичевска и Заборска не дозволија изненадување, додека младата Мојсовска покажа дека во следниот период сериозно може да се смета на неа“, кажа тренерот на КК Макпетрол, Бошко Заборски.
На второто место во конечниот поредок заврши Штип, а трет е скопски Металург.