Ивана Пројковска во неделата испиша историја, кога стана прв македонски судија кој водел финале на едно натпреварување под капата на УЕФА. И тоа што е жена, му дава уште позначајна димензија на тој момент.
Финалето на Европското првенство за фудбалерки до 19 години во Шкотска, во кое Франција ја победи Германија со 2:1, беше природен тек на настаните за девојка која цела кариера урива стереотипи и беше пионерка во своја област во земјава, не само како една од првите фудбалски судијки, туку и како прва која стигнала на меѓународната листа. А, кога дошла оваа голема шанса, таа вели дека била посмирена од кога било.
„Пред секој натпревар имам позитивна трема, овојпат не. Цела ноќ спиев, што досега не ми се случило пред меч. Исто беше и на терен, па си реков: ‘Тоа е тоа, цел живот сонуваш за нешто, успехот дошол и сега уживај во натпреварот‘. Сите ми забележаа дека сум уживала, зашто со насмевка го водев мечот. Сѐ досега работев, давав максимум од себеси, а во финалето уживав“, ги откри Пројковска своите впечатоци од финалето.
Она што е најважно за еден судија е да не биде во центар на внимание, а на Пројковска ѝ успеа тоа во финалето.
„Не беше лесно, ниеден меч не е лесен, особено кога знаеш дека е финале. Сите трчаа многу. И јас истрчав околу 11 километри, но, за среќа, немаше спорни ситуации и баш имаше реакции дека никој не зборува за судењето, што е најважно. Јас после секој меч си наоѓам забелешки, но тоа е мотив да се работи повеќе“.
Таа веќе 15 години е во судиската професија, а сѐ почнало како анегдота.
„Бидејќи како фудбалерка играв напаѓач, често ми судеа офсајд, на што јас често се бунев. Така ме предизвикаа да видам како е тоа од другата страна и така сѐ почна. Не сум прва, но бев меѓу првите три судијки во Македонија. Денес сме две на меѓународната листа и уште три како асистенти. Интересно е што клубовите сакаат да им судат жени, затоа што нѐ сметаат за пореални. Мене ми е полесно да судам на машки екипи, зашто фудбалот е подобар и побрз и можеш да прочиташ игра“.
Иако со големо искуство, Пројковска и натаму чека на свој прв натпревар во македонското првенство.
„Веќе во секоја лига има судијки, освен во Македонија. Имам судено меч од Втората лига, но не и од Првата. Сум била само на помошна листа. Во Македонија уште знае да биде пречка што сум женско“.
Сепак, кога е на терен, нејзиниот авторитет се почитува.
„Имам респект и од фудбалери и од фудбалерки. Имаше непријатности во почетокот на селски натпревари, но и тоа мора да се помине, така се челичиме. Инаку, односот секогаш е добар и коректен“.
По финалето на ЕП, Пројковска може само да продолжи да напредува.
„Сега влегов во прва категорија судии, тоа е чекор до највисоката, елитна категорија. Тоа значи дека отсега ќе можам да судам и потешки натпревари, како А-репрезентации и осминафинале на Лигата на шампионите и повисоко, но тоа значи и дека сега уште повеќе треба да се работи“.
Г. КОНЕВ