Лео Меси по шести пат е прогласен за најдобар светски фудбалер во изборот на „Франс фудбал“, додека меѓу дамите тоа е американската репрезентативка Меган Рапиноу.
Меси, кој беше најдобар и во 2009, 2010, 2011, 2012 и 2015 година, се пласираше пред Вирџил ван Дајк, Кристијано Роналдо и Садио Мане, кои последни останаа во конкуренција за трофејот, што се доделува од 1956 година.
„Им благодарам на сите мои колеги од клубот, тие многу придонесоа за оваа награда. Ова е навистина неверојатно“, изјави Меси.
Меси, кој неодамна ја доби и „Златната топка“ на ФИФА, постигна 46 голови оваа година, а минатата сезона ја заврши како шампион на Шпанија.
„Франс фудбал“ лани почна да ја доделува „Златната топка“ во женска конкуренција и Рапиноу ја заслужи откако летоска ја предводеше репрезентацијата на САД до четвртата светска титула, при што беше и најдобар стрелец на Мундијалот во Франција.
„Тажна сум што вечерва не сум со вас на оваа неверојатна вечер. Не ми се верува дека победив. Им благодарам на сите кои ми беа поддршка на и надвор од теренот. Ќе се потрудам да дојдам следната година“, изјави 34-годишната Рапиноу.
Холандскиот дефанзивец Матајс де Лихт, кој летоска направи трансфер од Ајакс во Јувентус за 75 милиони евра, е прогласен за најдобар млад фудбалер на светот, додека Бразилецот Алисон е првиот освојувач на трофејот „Јашин“, наменет за најдобар голман.