Во Градскиот парк во Велес, во чест на Денот на Општината – 9 Ноември, се трчаше полумаратон. Меѓу 130-те учесници беа и министерот за финансии, Драган Тевдовски, и неговиот советник Бранимир Јовановиќ.
Министерот се покажа далеку поиздржлив, па 21 километар истрча за еден час и 40 минути и за три круга беше побрз од советникот, иако и двајцата не беа меѓу подобропласираните.
Тевдовски, кој редовно учествува на полумаратонски трки, вели дека трчањето го одмора.
„Имаше прекрасно време, прекрасна енергија, ми беше задоволство. Во Македонија недостигаа вакви трки, иако последниве години ги има сѐ повеќе. Трчањето ми е најдобар вентил од напорната работа и стресовите и ми дава нова енергија. Пред работа, трипати неделно трчам, а во сабота и недела, со група вљубеници во трчањето, заедно активно се рекреираме и тренираме“, рече Тевдовски.
На овој полумаратон, највозрасниот тркач беше Санде Стојановски од Лозово, дипломиран инженер агроном, кој на 71 година за два часа ја истрча патеката. Победник е Кокан Ајановски од Скопје, кој имаше време од 1:13:52 часа, а кај жените – Тања Велјановска-Савевска (1:37:41). Учествуваа 130 тркачи, не само од Македонија, туку и од Србија, САД, Јамајка, Грција и Велика Британија.
П. ПЕЧКОВ