Рафаел Надал се доближи на чекор до рекордот на Роже Федерер, откако по четврти пат го освои Отвореното првенство на САД, враќајќи се по голем пресврт на Данил Медведев.
Триесет и тригодишниот Шпанец славеше со 7:5, 6:3, 5:7, 4:6, 6:4 против петтиот носител во мечот кој траеше четири часа и 50 минути, само четири минути пократко од најдолгото финале на Ју-Ес опен.
„Ова беше една од најемотивните ноќи во мојата кариера. Ова беше неверојатно, лудо финале“, изјави Надал.
Тоа е неговата 19. гренд слем титула и му треба само уште една за да го достигне рекордерот Федерер.
„Сакам да му честитам на Рафа. 19 гренд слем титули е нешто неверојатно, незамисливо“, кажа Медведев, кој првпат играше гренд слем финале.
Од првиот триумф на Шпанецот на Ролан Гарос во 2005 година, големата тројка Федерер-Надал-Ѓоковиќ има освоено 51 од 59-те гренд слем титули. Последниот кој успеа да им се замеша беше Станислас Вавринка на Ју-Ес опен во 2016.