Македонската ракометна легенда Наумче Мојсоски се враќа во својот матичен клуб Струга по цели 20 години, но сега со план и амбиции да го извлече од позицијата во којашто не припаѓа, како еден од најголемите расадници на ракометни таленти кај нас.
На редовното годишно собрание на клубот, тој беше избран на нов претседател, функцијата што официјално ќе ја преземе од понеделник, но, истовремено, ќе биде и негов главен спонзор.
„Оваа идеја се разработуваше во последните шест-седум месеци и сега на собранието беше и официјализирана, па од понеделник почнуваме со работа. Освен претседател, јас, односно мојата фирма, ќе биде и главен спонзор на клубот, но ќе помогнат и некои други компании, со кои имам соработка“, вели Мојсоски.
Клубот моментално се натпреварува во Првата лига, скалило подолу од елитната Суперлига.
„Планираме во екипата да вратиме неколкумина струшки ракометари, кои моментално играат во други клубови и да избориме настап во Суперлигата, па за следната сезона амбициите ќе бидат и поголеми, вклучувајќи и ангажирање странци и бркање пласман во еврокуповите. Целта е да го вратиме клубот на некогашните позиции“, додаде Мојсоски.
Г. КОНЕВ