Новак Ѓоковиќ ги отфрли тврдењата дека е алчен и притоа негираше дека повикал на бојкот на следното издание на Отвореното првенство на Австралија, со цел да издејствува зголемување на наградниот фонд.
Српскиот тенисер, кој имаше успешен старт на Австралија опен, откако во првото коло го совлада Доналд Јанг со 6:1, 6:2, 6:4, истакна дека се преувеличени извештаите дека тој предложил драстични мерки околу распределбата на парите меѓу играчите.
„Не, нема никаков бојкот. Видов некои приказни кои се претерани. Многу работи се извлечени од контекст и бев претставен како алчен, како човек кој бара повеќе пари и повикува на бојкот. Ние играчите само сакавме да разговараме за некои теми и нема ништо лошо во тоа. Сакавме да чуеме сечие мислење. Ниту една одлука не е донесена и не се спомена бојкот“, појасни Ѓоковиќ.
Весникот „Дејли мејл“ вчера објави дека Ѓоковиќ побарал сите официјални лица да го напуштат состанокот на играчите и дека бил во придружба на адвокат, како најава за формирање на синдикат.
„Не се зборуваше за тоа“, кажа Ѓоковиќ.