Македонската одбојкарска репрезентација приреди големо изненадување откако го совлада домаќинот Словенија во петтото коло на Европското првенство.
Македонија славеше над европскиот вицепрвак со 3:1 во сетови (26:24, 30:28, 19:25, 26:24), со што ѝ се отвораат вратите за пласман во осминафиналето на својот прв настап на европските првенства.
Ова е втора победа за македонските одбојкари на првенството, откако стартуваа со порази од Финска, Турција и Русија, за потоа да ја совладаат Белорусија со 3:1 во сетови.
Македонија со ова ги заврши настапите во Ц-групата, па за пласман во следната рунда ќе мора да ги почека резултатите од преостанатите три средби, првенствено на Турција, која се среќава со Белорусија (вечерва) и Финска (утре).